Во образложението на пресудата судечкиот судија Ивица Стефановски меѓу другото кажа дека обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се виновни и за кривичните дела убиство и грабнување и им изрече затворски казни од по десет години.
Согласно Кривичниот законик судијата Стефановски на четворицата обвинети им изрече единствена казна доживотен затвор.
Како што образложи Стефановски, бидејќи обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека таткото на убиеното девојче Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски бил во контакт со Љупчо Палевски и му издал информации кога неговата ќерка излегува од дома за на училиште судот го ослободи од скакво обвинение.
Во обвинението пишува дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од процесот кој траеше нецела година изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Во завршните зборови, одбраната на обвинетите побараа ослободителна пресуда, додека, Основното јавно обвинителство побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за таткото на Вања побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.