Сега веќе осудениот кавадарчанец на 27 јули годинава од користољубие го убил својот помлад брат Илија Иванов. На роденденот на убиениот, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи осудениот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
„Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети. Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата“, дополнуваат од Обвинителството.
Обвинението беше поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост признал како го убил брата си, исто онака како што беше наведено во обвинението.
При изрекувањето на пресудата, Судот донесе Решение со кое на осудениот му ја продолжи претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор.






