четврток, 5 јуни 2025
Собрание

Дополнителната и сезонската работа доби законска рамка

Пратениците денеска со 73 гласа „за“ ги донесоа дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица, со кои работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон.

Објавено на

часот

Сподели

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со овој закон се регулира дополнителната и сезонската работа во државата, а лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи. Законското решение, додаде, ќе биде поддржано со грант од 200 илјади евра од германска институција.

Работно ангажирано лице согласно овој закон, може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон.

„Од него сите ќе имаат полза и државата која ќе го полни буџетот, работодавачите кои ќе можат да најдат вработени и граѓаните кои ќе имаат можност да работат и да бидат платени и да се ангажираат во делот што го сакаат. Предност ќе имаат угостителство, земјоделството и услужната дејност кои имаат недостаток на вработени, а доколку ги прошириме дејностите може да се направи дисбаланс на пазарот на трудот. Ќе можат да работат студенти, пензионери, социјално загрозени лица…, со што согласно закон не им се прекинува правото кое го имаат на пензија, на социјална помош, на студирање, а ќе може да бидат ангажирани и средношколци“, рече Стојаноски.

Овие измени на својот фејсбук профил ги коментираше и премиерот Христијан Мицкоски: „Државата ќе им ги плати давачките, пензиско и здравствено осигурување. На овој начин нови 30 илјади вработени ќе бидат ставени во системот. Согласно овој закон лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи. На овој начин ќе имаме граѓани кои ќе можат дополнително да заработат, држава која ќе наплати повеќе давачки и работодавачи кои ќе можат да ангажираат повеќе работници. За прв пат во историјата на Република Македонија се усвои еден ваков закон кој од зачетокот на независноста е барање на работниците и работодавачите“, напиша Мицкоски.

Собранието денеска со 59 гласа „за“ и 7 „против“ ја избра Бујаре Абази за комисионер и претседател на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).

Заменик министерот Николче Јанкулоски истакна дека јавниот оглас за избор на претседател на КХВ беше објавен во три дневни весници, а Комисијата за избор утврди дека Абази ги исполнува условите и ги има потребното искуство од минимум пет години и потврда за познавање на англиски јазик.

Собранието како основач денеска им даде овластување на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“  и Универзитетот во Тетово поединечно да склучат колективен договор со нивните синдикати. Без расправа го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи.

Собранието во рамките на 49-тата седница ја заврши општата расправа за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството, за изменување на Законот за фитофармација, за изменување и дополнување на Законот за животната средина, за изменување и дополнување на Законот за основното образование, за изменување и дополнување на Законот за средното образование и за изменување на Законот за високо образование, сите во прво читање, и заклучи дека се прифатливи и да се дадат на натамошно, односно второ читање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ