Ваквата одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, соопшти Министерството за финансии.
Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД-инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.
Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД – инструментот.

Претходно, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски кажа дека од Брисел нема најава за блокада на ИПАРД – средствата на кои што како држава сме корисници.
„Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки коишто ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Како што се наведува во соопштението од МЗШВ, Трипуновски посочи дека веднаш по сознанието, односно акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД – средствата“, појасни министерот Трипуновски.
Тој посочи дека во брз период ќе има нов директор на агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
„Ние како држава сме решени да ја спроведеме борбата против корупцијата“, нагласи министерот Трипуновски.






