Од партијата предупредуваат дека институциите не можат повеќе да се кријат зад општи соопштенија од Министерството за здравство, без конкретни и обврзувачки мерки.
„Оваа неодговорност става во животна опасност илјадници граѓани и работници ширум државата“, велат од ДОМ.
„Секој ден гледаме како Министерството за здравство објавува препораки без рокови и обврски за нивно спроведување, додека Владата не донесува ниту една одлука што ќе го гарантира правото на безбедна и здравствено прифатлива работа при температури над 40°C. Ова фијаско мора да престане – не е доволно да се советува ‘пијте повеќе вода’ додека луѓето колабираат од топлотен удар“, реагираат од партијата.
Посочуваат дека особено алармантна е состојбата на работниците на отворено – градежни работници, земјоделци, лица што работат на патарини и пазарџии – кои се оставени без задолжителни паузи, без обезбедена вода и без заштитна опрема.
„Ниту Трудовиот инспекторат нема јасни упатства, а инспекторите не можат да казнуваат без конкретни законски рамки. Ова е срамота за правната држава“, додаваат од ДОМ.
Загрижувачка е, велат од партијата, и ситуацијата на вработените во простории без клима-уреди или со слаба вентилација – како работниците во магацини, хигиеничарите и вработените во угостителски објекти – кои работат во услови каде температурата често надминува 35°C.
ДОМ бара итно донесување на национален акциски план за заштита од топлотен стрес, кој ќе предвиди задолжителни дневни прекини при температура над 30°C, обврзувачка инсталација на уреди за ладење во јавни и деловни објекти, редовна дистрибуција на вода и сенка на градилиштата, како и зајакната контрола и казни за непостапување. „Ако Владата не делува веднаш, нема да останеме мирни набљудувачи – ќе бараме одговорност на сите нивоа“, порачуваат од партијата.






