Досегашните тврдења дека дислокацијата е „невозможна мисија“ се должат на застарени економски модели. Светот веќе одамна ги трансформира тешките индустриски капацитети во нови, еколошки градски четврти преку самофинансирачки механизми, велат од ДОМ.
Од партијата предлагаат неколку модели. Првиот од нив е „вредност на земјиштето наместо државен буџет“.
„Наместо државата да плаќа за преселување, преку овој Зелен урбан трансфер се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со оваа одлука, вредноста на парцелата енормно расте. Инвеститорот/сопственикот добива право да развие модерен „Самрт сити“ комплекс, а со профитот од продажба на недвижностите се финансира изградбата на нова, 100 отсто еколошка фабрика на подалечна, соодветна локација“, предлагаат од ДОМ.
Бидејќи дислокацијата е сложен процес од пет до седум години, ДОМ бара од Владата и МЖСПП веднаш да наметнат „преоден режим“ во А-интегрираната дозвола со највисоки еколошки стандарди:
„Нула емисии во рок од шест месеци. Итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички (ПМ10 и ПМ2.5), како и системи за десулфуризација и денитрификација за запирање на емисиите на сулфур диоксид (SO2) и азотни оксиди (NOx) и 24 часовен јавен дигитален мониторинг, податоците од оџаците да се емитуваат во живо на веб-страницата на МЖСПП и на јавни екрани во општината Кисела Вода“, бараат од ДОМ.
Третиор предлог на ДОМ е решавање на еколошкиот товар (ОХИС и Пеленица).
„Наместо да чекаме буџетски средства, чистењето на линданот во ОХИС и Пеленица треба да се врши преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели, каде што приватен партнер би добил право на стопанисување со исчистениот простор во замена за целосна ремедијација на почвата“, велат од ДОМ.
Скопје заслужува да дише, а индустријата заслужува да се развива надвор од градското јадро, децидни се од партијата.
„Преку овој модел на Зелен урбан трансфер, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните чист воздух. Клучно е што со новиот генерален урбанистички план (ГУП), градот стратешки ќе го насочи своето ширење кон оваа новоформирана, еколошки уредена четврт, додека истовремено ќе го дестимулира понатамошното агресивно градење и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје. На овој начин, државата без никаков трошок го решава деценискиот проблем со загадувањето и го запира притисокот на нехуманата урбанизација“, велат од ДОМ.






