„ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за ‘стратешки’ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките. Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките. Ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина“, велат од ДОМ.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост, туку таа е наш дом, со планини, реки, шуми и плодна почва, а ние, граѓаните и граѓанките, сме нејзините чувари. ДОМ апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа, за која преостануваат уште девет дена.
„Затоа што ДОМ е за зелена Македонија, а не за рудници кои се штетни за сите, сметаме дека гласот на граѓаните и граѓанките мора да се слушне, независно од тоа дали некој сака или не“, велат од ДОМ.






