„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство, кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:
Промена на изборниот модел, односно, наместо постојниот пропорционален систем со шест изборни единици, да се воведе изборен модел со една изборна единица.
ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:
Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите – без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од разни делови на државата;
Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување;
ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови;
50 % жени на листите, бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност“, ги изнесуваат од ДОМ своите предлози за теми на лидерската средба.
За ДОМ, тоа не е партиски интерес, туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок, да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти, рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сметаат дека сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
„Ги повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијативата за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија, која со години се залага за воведување една изборна единица, ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, порачуваат од Демократска обнова на Македонија.






