среда, 28 јануари 2026

ДОМ ја поддржува борбата за повисоки плати, но предупредува на економските ризици

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препозна реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и го поддржува отворањето на јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците. Во таа насока, партијата дава поддршка на денешните протести и заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, ДОМ предупредува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и бара внимателна анализа. Како што наведуваат од партијата, при донесување одлуки треба да се согледаат економските ефекти, вклучително можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средните претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата, што може да ја намали реалната вредност на повисоката плата.

ДОМ истакнува дека низ ова прашање се отвораат и пошироки структурни предизвици на пазарот на труд. Во земјата постојат различни модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеност меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.

„Ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата треба да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите“, наведуваат од ДОМ.

Партијата повикува на реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите. „Ова е натпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневнополитички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните“, додаваат од ДОМ.

На крајот, Демократска обнова на Македонија уште еднаш ја потврдува поддршката за барањата на синдикатите и ги повикува сите општествени и политички чинители да обезбедат системско и праведно решение кое ќе го поддржи животниот стандард на граѓаните, но и целокупниот економски развој на државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ