сабота, 12 јули 2025

ДОМ ja напушти коалицијата со СДСМ, се основа нова „Коалиција за зелена иднина“

Централниот одбор на Демократската обнова на Македонија одлучи да ја напушти коалицијата со СДСМ. Ова е принципиелен исчекор кон заштита на вредносниот интегритет на ДОМ, соопшти партијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Кога процесите стануваат затворени, потребна е нова насока на самостојно, јасно и идеолошки доследно политички дејствување. Коалициите ги разбираме како алатка за остварување на заедничките вредносни цели, но кога тие се губат, доаѓа моментот за нова насока. Оваа одлука е донесена со целосна почит кон соработката од минатото, но како политичка партија се стремиме кон инклузивност, доследност и отвореност. Дојде време за нова, самостојна и одлучна насока“, соопшти ДОМ.

На седницата на Централниот одбор беше донесена и одлука со која ДОМ се отвора за вистинско партнерство со граѓанскиот сектор, локалните заедници и сите кои се борат за зелена, праведна и европска иднина. „’Тивките’ коалициски партнери во два наврати едногласно гласаа за ограничување на граѓанското право на учество – ги избришаа независните кандидати од изборната игра. И затоа со оваа одлука го најавуваме формирањето на ‘Коалиција за зелена иднина’, отворена платформа за идеи, заедничка акција и поддршка на автентични локални кандидати од граѓаните за граѓаните. Оваа одлука е одговор на политичката затвореност, игнорирањето на граѓанските иницијативи и девалвацијата на меритократијата. Наместо следбеници, ДОМ ќе гради инклузивни политики со соработници“, се вели во партиското соопштение.

Воедно,  ДОМ упати отворен повик до сите активисти и активистки од граѓанскиот сектор, до младите и студентите и до сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еколошко, праведно, одржливо и европско општество: да влијаеме заедно, да делуваме здружено и да ја изградиме зелената иднина на Македонија.

ДОМ на претстојните локални избори ќе насташи самостојно, без партнери од традиционалниот политички спектар. „Во оваа насока на исполнување на политичка волја на членството, ДОМ ја нуди својата структура, знаење и поддршка во сите општини каде што има луѓе со идеи, со интегритет, со врска со својата заедница и САМО за граѓаните. Наместо компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите само за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика. Време е за принципиелна коалиција меѓу политиката и вистинскиот глас на граѓаните и граѓанките. Ги повикуваме секој и секоја што веруваат во зелена, праведна и европска иднина – да ни се придружат. Ова е повик за сојузништво и храброст. За ново лице на Македонија“, соопшти ДОМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ