петок, 13 март 2026

ДОМ бара построги еколошки стандарди при обновата на дозволата за Титан Усје

Во очекување на јавната расправа по поднесувањето на новото барање за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола на еден од најголемите загадувачи, цементарницата Титан Усје, од ДОМ уште еднаш ги истакнуваат стандардите кои, според нив, мора да бидат испочитувани од страна на компанијата.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведуваат од партијата во соопштение, тие јавно апелираат до Владата и до Министерството за животна средина и просторно планирање, по одржувањето на јавната расправа и во процесот на обновување на дозволата, од страна на цементарницата безусловно да бидат исполнети неколку клучни барања.

Првото барање се однесува на значително намалување на штетните емисии. Од ДОМ бараат во рок од шест месеци да се обезбеди „нула“ емисии на цврсти честички преку итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на честичките PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација со кои би се запреле емисиите на сулфур диоксид (SO2) и азотни оксиди (NOx).

Второто барање е воведување 24-часовен јавен дигитален мониторинг. Според предлогот, податоците од оџаците на цементарницата треба да се емитуваат во живо на веб-страницата на Министерството за животна средина, како и на јавни екрани поставени во општина Кисела Вода.

Од партијата бараат и дополнителни мерки за заштита од токсични материи. Тие предлагаат задолжително воведување системи за вбризгување активен јаглен (Activated Carbon Injection) и вреќасти филтри, со цел целосно неутрализирање на диоксините и фураните. Според нив, со ваквите мерки би се гарантирало дека канцерогени материи нема да се испуштаат во воздухот додека трае процесот на евентуално преселување на фабриката.

Паралелно со овие процеси, од ДОМ предлагаат да се разгледа и можноста за воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“, кој, како што наведуваат, претставува стратешко решение за дислокација на цементарницата без трошоци за државниот буџет.

Од партијата оценуваат дека тврдењата оти дислокацијата на фабриката е „невозможна мисија“ се темелат на застарени економски модели и дека е потребно стратешко размислување за изнаоѓање оптимални решенија од кои бенефит ќе имаат државата и граѓаните.

„Граѓаните на Скопје заслужуваат чист воздух и економски развој со хуман пристап, а не по цена на здравјето“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ