„Се истражува начинот на одобрување на проектите на компаниите. Не би кажувал сега за кои проекти станува збор. Сите се проверуваат, но под сомнеж се околу 70 домашни и осум странски експерти“, вели Додов.
На прашање што правеле, Додов вели дека се договарани и преговарани начините која компанија и што да добие.
„Откако сум на чело на фондот неколку пати пробаа членовите да дојдат официјално да се запознаеме. Дознав дека биле тука секој втор месец, за сите зборам. Некои дури и поредовно доаѓале во Македонија и биле гости на трошок на Фондот“, вели Додов.
Меѓу лицата под истрага е и Гунтер Ферлингер од Австрија, познат во јавноста по барањето санкции од страна на ЕУ за Македонија затоа што во ОН гласала на страната на САД за Резолуцијата за Украина.
Гунтер Ферлингер во 2018 година од страна на владата на Зоран Заев бил именуван за член на Kомитет за одобрување на инвестиции во ФИТР од каде добивал соодветен хонорар. Тој учествувал во изборот на компаниите добитници на десетици милиони евра од ФИТР.
Во случајот со ФИТР оштетен е буџетот на државата за 3,2 милиони евра. Средствата ги злоупотребиле околу 60 компании од градежништвото, информатиката, здравството и од други дејности, кои добиле проекти од Фондот за иновации и технолошки развој, кои се покажале како фантомски. Тоа го утврдила ревизијата на ФИТР за работата во последните пет години, објави во декември Додов.