На граничниот премин Евзони (Богородица) земјоделскиот блок со над 300 трактори беше поставен на 1 декември, а сообраќајот секојдневно се блокираше на неколку часа, првично претпладне и попладне, а во изминатиот период само во попладневните часови.
Според АНА-МПА во текот на денот тракторите и земјоделските возила поставени на средината на коловозот ќе бидат тргнати и земјоделците ќе ги паркираат на левата и десната страна, со што целосно ќе се ослободат сообраќајните ленти и ќе се овозможи непречено минување на товарни возила, туристички автобуси и патнички автомобили.
Сепак земјоделците ќе останат и планираат таму да ги поминат празниците, но без да се попречува нормалното одвивање на сообраќајот.
Слична е ситуацијата и на Ники (Меџитлија) каде што земјоделците одлучиле до петок да не го блокираат сообраќајот.
Од друга страна, остануваат, барем во текот на денешниот ден, блокадите на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, но само за товарни возила.
Во однос на блокадите низ цела Грција, целта на земјоделците во пресрет на Божиќ е да ги отворат автопатите за граѓаните непречено да стигнат до нивните дестинации, но без при тоа да ги повлечат целосно тракторите.
Нивниот план е тракторите да останат паркирани на крајот на автопатите, за што полицијата смета дека не е безбедно на таков начин да се одвива сообраќајот.






