Ваучерот овозможува набавка и вградување инвертер-клима уред со моќност од 3,5 киловати и најмалку енергетска класа А+, а може да се искористи најдоцна до 15 октомври годинава. Вредноста на ваучерот изнесува до 28.000 денари, без дополнителна доплата од страна на корисниците.
На веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) објавени се сите детали за потребната документација и постапката за подигнување, како и списокот на компании со кои се склучени договори, со што граѓаните ќе може да ги набават инвертер-клима уредите користејќи го ваучерот.
„Станува збор за втора фаза од веќе завршената постапка, во која право на поддршка имаа исклучиво домаќинствата кои најдоцна до 5 октомври 2025 година поднеле барање, доставиле комплетна документација и ги исполниле условите утврдени во програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија“, информира прес-службата на МЕРМС.
Списокот на граѓани што стекнале право, како и списокот на компании, се достапни на веб-страницата на Министерството.
Министерството нагласува дека оваа фаза се однесува исклучиво на граѓаните што веќе аплицирале во 2025 година и претставува финализација на постапката во рамките на која се доделуваат вкупно 4.070 ваучери.
„Со оваа мерка државата продолжува со конкретна поддршка на ранливите категории граѓани,обезбедувајќи пониски трошоци за енергија и повисока енергетска ефикасност во домаќинствата“, информира МЕРМС.






