понеделник, 23 март 2026

Дневната заштеда на граѓаните со владината мерка за горивата е повеќе од 200.000 евра, тврди Мицкоски

Дневната заштеда на граѓаните со владината мерка за горивата е повеќе од 200.000 евра, а неделно се очекува да биде 1,5 милион евра, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во општина Тетово. Мицкоски уште кажа дека состојбата се следи многу внимателно, има уште неколку мерки, претстојат предизвици, но граѓаните и бизнисот треба да бидат спокојни.

Објавено на

часот

Сподели

Одговорајќи на новинарски прашања, Мицкоски напомена дека Македонија моментно има убедливо најниска цена на дизелот и на безоловното гориво во споредба со која било земја од регионот, а потрошувачката е зголемена за речиси 150.000 литри на ден.

Според премиерот, многу граѓани од соседните држави полнат гориво на нашите бензински пумпи. Притоа притисокот е најголем на западната (Охрид, Струга, Дебар), јужната (Битола, Гевгелија) и на северната (Куманово) граница.

Мицкоски потенцира и дека Владата во однос на горивата одлучила да преземе поробусна интервенција, која, како што објасни, ќе спречи драматично поскапување, кое би удрило врз стандардот на граѓаните.

„Имаме уште неколку мерки, но внимателно ја следиме ситуацијата. Граѓаните и бизнисот да бидат спокојни. Имаме предизивци, но електроенергетската состојба е исклучително стабилна и снабдувањето со нафта и нафтени деривати е исклучително стабилно. Во овој момент ги задоволуваме домашните потреби. Како земја имаме најниски давачки кон Владата кога станува збор за бензините и дизел-горивото. Правевме анализа, имајќи ги предвид цените на берзите, и дојдовме до заклучок дека ако интервенираме во акцизите, тогаш намалувањето за безнините ќе беше еден денар за литар, а за дизелот два денара. Затоа се одлучивме за поробусна интервенција, со која се намалуваат цените за 6,5-7 денари за литар. Сакавме поробусна интервенција за веднаш да почувствуваат граѓаните, да нема драматично зголемување, кое би удрило врз стандардот“, напомена Мицкоски.

Тој потсети дека на вчерaшната седница Владата донесе одлука да прогласи кризна состојба од 30 дена и да го намали ДДВ-то на горивата од 18 на 10 отсто.

„Ние сме една од ретките влади во Европа кои директно од буџетот го поддржуваат стандардот на граѓаните и така ќе продолжиме. Тоа за нас е најголем интерес и приоритет и тоа е целта на една народна влада како оваа“, истакна премиерот.

Досега, информира, не е реализиран разговор со раководството на „Окта“.

„За тоа е задолжена министерката за енергетика. До овој момент немам информација дека е реализиран тој разговор. Очекувам денеска тоа да се разлизира и очекувам разбирање од Окта. Сега се моментите да си помогнеме едни на други“, порача Мицкоски.

Во врска со коментарите на опозицијата дека Владата не прави доволно во однос на кризата, Мицкоски истакна дека единственото нешто по кое ќе биде запамтен СДСМ е фактот дека како држава најлошо се справивме со ковид-пандемијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ