вторник, 7 април 2026

ДКСК го означи почетокот на кампањата за подигање на јавната свест за лобирањето

Четири тркалезни маси со разни целни групи ќе се одржат во претстојниот период во рамките на кампањата „Лобирање во Северна Македонија”, што ја спроведува Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со ИПА 2020 проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото”, информира денеска на прес-конференција претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, означувајќи го официјалниот почеток на кампањата.

Објавено на

часот

Сподели

Чучуљ истакна дека денешниот настан е дел од пошироката кампања за подигање на јавната свест за лобирањето како важен елемент на демократските процеси, отчетността и доброто управување.

Целните групи се централната власт, локалната самоуправа, бизнис-заедницата, медиумите и граѓанските организации, а тркалезните маси ќе се одржат на 16, 20, 28 април и на 5 мај.

„Секој од овие фактори има своја улога во градењето средина во која влијанието во развојните политики ќе биде видливо, одговорно и засновано на правила. Лобирањето, кога се спроведува јасно, отчетно и во согласност со законските правила, не треба да се гледа како проблем. Напротив, тоа претставува легитимен механизам преку кој разни општествени фактори, институции, деловната заедница, граѓанските организации и други заинтересирани страни може да ги претстават своите ставови, интереси и предлози во процесот на креирањето политики и донесувањето одлуки“, истакна Чучуљ.

Претседателот на ДКСК нагласи дека темата на лобирањето не е изолирано прашање, таа е тесно поврзана со транспарентноста во носењето одлуки, спречувањето на судирот на интереси, етичкото однесување, отчетноста на институциите и со поширокиот концепт на политички и институционален интегритет.

„Наша цел е да отвориме суштинска дискусија за тоа како во пракса да се подигне културата на транспарентност во комуникацијата меѓу носителите на одлуките и засегнатите страни, без простор за неформални влијања и затворени процеси. Особено ми е драго што во овој процес имаме можност да слушнеме практични искуства од експертот од Словенија, со што ќе можеме да ги спознаеме позитивните практики во Европската Унија во однос на лобирањето“, рече Чучуљ.

Претседателот на ДКСК истакна дека спроведувањето на кампањата се поклопува со измените и дополнувањата на Законот за лобирањето, иницирано од Министерството за правда, а во насока на негово допрецизирање и усогласување со регулативите на ЕУ.

Дискусиите, кои ќе произлезат од четирите работилници, ќе бидат можност за нудење предлози и идеи во насока на измените на законот, кои ќе бидат адресирани до работната група формирана од Министерството за правда.

Чучуљ нагласи дека во моментот во земјата има три лоби-организации и ниеден лобист како физичко лице.

За целите на кампањата е изготвено промотивно видео, кое наредниот период ќе се емитува на социјалните медиуми, на веб-страницата на ДКСК и на МРТВ.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ