четврток, 10 април 2025
За судир на интереси на Коцевски, Стефанова и Вели

ДКСК четири месеци ја разгледува пријавата на суспендираниот виш обвинител Јован Цветановски

Пред околу четири месеци суспендираниот виш јавен обвинител Јован Цветановски поднел пријава за судир на интереси на државниот обвинител Љупчо Коцевски и на јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели, а Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) сè уште постапува по пријавата.

Објавено на

часот

Сподели

Во врска со поднесената пријава за МКД.мк од ДКСК одговорија дека постапката е во тек.

„Во однос на прашањето за постапувањето на Државната комисија за спречување на корупцијата  по   пријавата поднесена од страна на вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, Ве известуваме дека постапката е во тек“, стои во одговорот од ДКСК. 

По утврдување на фактичката состојба, одлуката по наведениот предмет ќе биде донесена на јавна седница на ДКСК.

Обвинителот Јован Цветановски ја поднел иницијативата на 24 декември минатата година, во својство на службено лице, повикувајќи се на членот 17 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. ДКСК ги пробила сите рокови и сè уште не се изјаснува за пријавата.

Во пријавата на обвинителот Јован Цветановски до ДКСК се вели дека јавните обвинители Љупчо Коцевски, Лиле Стефанова и Елвин Вели биле должни да внимаваат за потенцијален судир на интереси при спроведувањето на надзорот над работењето на Вишото јавно обвинителство Скопје лани во октомври.

„Љупчо Коцевски, како Јавен обвинител на ЈОРСМ, Лиле Стефанова и Елвин Вели, како јавни обвинители во ЈОРСМ, спротивно на законските и подзаконските прописи и етичките стандарди, како службени лица, при нивните постапувања во конкретниот случај, не обезбедуваат законито функционирање на институцијата Јавно обвинителство, со што не овозможиле владеењето на правото. Утврдениот приватен интерес кој го има Лиле Стефанова влијае врз непристрасноста и врз објективното вршење на нејзините должности како службено лице во вршењето на надзорот“, се вели во образложението на пријавата до ДКСК и се додава дека Елвин Вели „вршел службени дејствија во Вишото јавно обвинителство Скопје како заменик на јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, што влијае врз непристрасноста и објективното вршење на неговите должности како службено лице во вршењето на надзорот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ