Претседателката Димитровска посочи дека во тек е анализа за тоа дали лицата против кои се поведени прекршочни постапки имаат доставено имотни листови.
„Точно, објавивме список за првпат од постоењето на комисијата. Во тек е анализа на тоа дали лицата против кои беа поведени прекршочни постапки имаат доставено анкетни листови“, рече Димитровска.
Таа напомена дека законот не го уредува тоа, а како иницијатива произлегла од Колегиумот на овој состав на Комисијата.
„Бидејќи има отсуство на регулирање на таква законска обврска, иницијативата е да не дозволиме, по плаќање на прекршочни налози или глоби, да се амнестираат сите избрани и именувани лица од обврската за пријавување на имотната состојба“, појасни првиот човек на ДКСК.
Таа одговори потврдно на забелешката дека глобите се во износ кој секој од поранешните пратеници и функционери може да си го дозволат и покрај тоа што не ја исполниле законската обврска.
„Се согласувам со сите овие забелешки. Ние ги имаме утврдено во текот на едногодишниот мандат. Тие се состојат и во предлог измените и дополнувања во Законот за спречување корупција и судри на интереси коишто очекуваме дека во скоро време ќе бидат донесени и од страна на законодавниот дом“, рече Татјана Димитровска претседател на ДКСК.
На списокот кој ДКСК го објави кон крајот на февруари, годинава како информации за изречени глоби – 2024 година има 85 луѓе, главно пратеници од претходниот состав, министри, градоначалници, членови на управни одбори, декани, директори на јавни установи и други функционери. Најмногу глоби во износ од 300 евра се за неподнесување на изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК, а има и глоби од 500 евра за неизземање од спроведување на постапка.
Глоби од по 200 евра заработиле и Артан Груби, поранешниот прв заменик премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците и Фатмир Меџити, поранешен министер за здравство. Овие поранешни функционери во својство на одговорно лице во надлежна институција, не презеле мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК.