четврток, 19 март 2026
Нови сведоштва на судењето за трагедијата во „Пулс“

Дискотеките во Кочани со години биле оставени без редовен инспекциски надзор, тврди вработен во ДЗС

На судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведокот Живко Ставревски, вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), посочи дека во оваа општина не се вршеле редовни инспекциски надзори поради недостаток на инспектори.

Објавено на

часот

Сподели

Ставревски, кој од 2006 година е ангажиран како помошник на генералниот инспектор, изјави дека иако формално врши инспекциски надзори, во пракса тоа се случува ретко поради обемните административни обврски.

Тој објасни дека инспекцискиот надзор опфаќа проверка на документација како план за заштита и спасување, проценка на ризик, како и техничката исправност и одржување на опремата за заштита од пожари и експлозии. Доколку се утврдат неправилности, се даваат рокови за нивно отстранување.

Сепак, сведокот нагласи дека до 2020 година воопшто не биле планирани редовни инспекциски надзори во општини каде нема инспектор, како што е случајот со Кочани. Иако подоцна формално биле внесувани во годишните планови, нивната реализација не била возможна поради мал број инспектори и нивната распределба по подрачни одделенија.

„Редовни инспекциски надзори не се извршуваа бидејќи немаше инспектори“, истакна Ставревски.

Во однос на тоа дали конкретно во кабареа и дискотеки во Кочани биле вршени надзори, тој одговори дека според негови сознанија – не, но не може со сигурност да тврди за работата на колегите од другите одделенија.

Дополнително, сведокот посочи дека ДЗС немала пристап до електронскиот систем за проценка на ризик, што дополнително ја отежнувало работата на инспекторите.

По трагедијата на 16 март минатата година, како што рече, се вршат бројни вонредни инспекциски надзори по барање на институции како МВР, поради зголемениот број пријави.

Ставревски потврди и дека постоеле строги интерни насоки инспекторите да постапуваат исклучиво во рамки на своите планови и региони, а секое отстапување било дозволено само со одобрение од раководството.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во дискотеката во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Починаа 63 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Следното рочиште е закажано за наредната недела со нови сведоци.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ