„Ако мислите на моментот кога во рамките на Парламентот, директорот не се обраќаше на македонски јазик, јас разговарав со него и не очекувам дека тоа ќе се повтори. Ако се повтори, ќе биде разрешен“, рече Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје (зграда МРТВ).
Вицепремиерот Иван Стоилковиќ вчера во телевизиско интервју најави дека Владата ќе го разреши директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи. На прашање зошто Идризи не го користи македонскиот јазик во јавните настапи, Стоилковиќ рече дека „во вторник, на идната седница на Владата, 99% сигурно ќе биде разрешен“.
Минатата недела, Идризи на новинарски прашања одговараше само на албански јазик, а на медиумите на македонски јазик им порача дека „после ќе им преведат“.
Мицкоски информира дека законот за правична застапеност е готов и откако ќе помине на владина седница се очекува да биде пратен до Венецијанската комисија на мислење.
„Готов е законот за правична застапеност. Се очекува на следните седници од Владата да помине. Ќе биде јавноста информирана, а потоа ќе го пратиме во Венецијанската комисија на мислење и ќе чекаме мислење оттаму. И да видиме, ако нешто добро сме направиле, тогаш веднаш го пуштаме во собраниска процедура.. Многу внимававме. Многу се консултиравме со уставни експерти. Затоа што има политички партии кои што ако не се занимаваат со некрофилија, тогаш се занимаваат со национализам. Сега не ни е потребна поделба кога се обединуваме да го обединиме општество. И затоа не сакаме да им даваме тема бидејќи тие кога не се занимаваат со некрофилија, тогаш сеат магла, лаги, клевети, невистини на национална основа. И затоа многу внимававме во овој процес за да не им оставиме тема“, рече тој.
Премиерот нагласи дека откако ќе се добие мислењето од Венецијанската комисија за законот, тој веднаш ќе влезе во собраниска процедура.
„Мислам дека многу скоро од денеска ќе го добиеме мислењето од Венецијанската комисија и овој закон ќе биде во рамките на собраниската процедура. Тоа е уставна категорија и мора да се почитува, исто како што е уставна категорија дека официјален јазик е македонскиот и кирилското писмо, а заедниците коишто се повеќе од 20 проценти во случајот Албанците на централно ниво може да го користат албанскиот јазик како службен јазик. На единиците на локална самоуправа некаде каде што се Турците, Србите, Власите, тие можат таму. Многу е јасен и прецизен Уставот и мора така да го читаме и да го почитуваме“, рече Мицкоски.