Приложеното уверение при неговото вработување е од ТОЕФЛ-сертификат од фирма од Пловдив во Бугарија, односно од училиштето за странски јазици Јулија.
Од Основното јавно обвинителство за МКД.мк одговорија дека одговорот од бугарските власти за веродостојноста на сертификатите е пристигнат, но каков е не се открива.
„Одговорот од бугарските власти по замолницата за меѓународна правна помош пристигна. Предистражната постапка е во тек. Надлежниот јавен обвинител презема и други дејствија за целосно испитување на сите околности, по што ќе биде донесена одлука. Во текот на предистрагата не можат да бидат споделени детали од прибавените докази“, стои во одговорот од Обвинителството.
Бојан Христовски е третиот директор во Агенцијата за национална безбедност. На позицијата директор во агенцијата, која е наследник на претходната безбедносна служба, дојде во октомври 2024 година.
Својата кариера во службата, претходно дел од Министерството за внатрешни работи, ја започнува во 2006 година, а на повеќето раководни позиции во истата се наоѓа од 2012-та година. Кус временски период се наоѓа надвор од безбедносните служби, во јавниот сектор, но истиот останува посветен на безбедносните ангажмани преку академската работа. Христовски има завршено постдипломски студии на Факултетот за безбедност при Универзитетот Св. Климент Охридски во 2019-та година со труд на темата поврзана со дерадикализацијата на странските борци како дел од мерките за борба против тероризмот.
Од ДКСК во однос на предметот за директорот на АНБ, што се однесува на оспорената факултетска диплома соопштија дека надлежна институција која ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат, а врз основа на чиј записник од спроведен инспекциски надзор е донесена одлуката на ДКСК.
„Во однос на овој случај, сакаме да укажеме дека ДКСК нема надлежност да презема истражни дејствија во однос на веродостојноста на сертификатот за познавање на странски јазик и тоа прашање е во надлежност на истражните органи“, одговорија од од ДКСК во декември, минатата година.
Две директорки на јавни установи беа осудени на условни казни затвор од по четири години бидејќи кога конкурирале за позицијата, како доказ за познавање на англиски јазик, приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од компанијата Јулија од Пловдив, Бугарија.
Тоа е истото правно лице од каде што потекнува и ТОЕФЛ-сертификатот на избраниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.
Но, дали за него ќе има докази и Обвинителството ќе отвори истрага ќе одговорат кога обвинителите ќе ја завршат предистражната постапка која трае.