сабота, 24 мај 2025

Димовски: Одржливиот развој не е само избор, туку неопходност

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски како дел од владината делегација денеска присуствуваше на 28-миот Евроазиски Економски Самит, во Истанбул, Турција, организиран од страна на Фондацијата за стратешки и општествени истражувања – Мармара Груп. Тој се обратил на панелот со тема „Екологија, Економија, Енергија и Вештачка Интелигенција“ при што посочил дека одржливиот развој не е само избор, туку неопходност.

Објавено на

часот

Сподели

„Технолошко-индустриските развојни зони во Македонија се поставени како пример за интегрирање на еколошките стандарди во индустрискиот развој. Со фокусирање на лесна, незагадувачка индустрија и модерна логистика, создадовме услови за производство што ги минимизира негативните влијанија врз животната средина и овозможува квалитетен живот за локалните заедници“, изјавил Димовски.

Тој ги истакнал фискалните и царински стимулации, даночни ослободувања и поддршката за нови работни места, што директно влијае на привлекувањето најиновативни домашни и странски инвеститори.

„Само преку партнерства, размена на знаење и иновации можеме да изградиме економии кои се отпорни, инклузивни и одржливи. Македонија останува посветена на европските вредности, на зелената транзиција и на дигиталната трансформација – заедно со вас, нашите пријатели и партнери од евроазискиот регион“, рекол Димовски.

Воедно, тој во рамки на самитот остварил средби со бројни високи претставници и потенцијални инвеститори, при што биле разгледани можностите за потенцијални инвестиции и зајакнување на економските односи.

Целта на овој самит, како што велат од ТИРЗ, е да ги зближи бизнисмените, политичарите и академиците од различни земји, што ќе влијае на зајакнување на соработката во областите на економијата, демократијата и безбедноста.

Учеството на Македонија и Дирекцијата за ТИРЗ како институција на овој самит, сметаат од Зоната, е потврда за успешната соработка со Турција, со напори за континуриано унапредување на економските и инвестициски релации меѓу двете земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ