Конференцијата е организирана во рамки на активностите за одбележување на 29 април – Денот на македонската дипломатија, како и 20 години од формирањето на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, 15 години од постоењето на Дипломатскиот клуб и 10 години од публикувањето на списанието „Дипломатски летопис“.
„На конференцијата воведно излагање имаше Зоран Димитровски, заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија, кој, меѓу другото, истакна дека темата на конференција досега била неоправдано маргинализирана. Но, тековните драматични геополитички промени придонесоа таа сè повеќе да станува предмет на сериозни анализи неопходни за обликување на надворешната политика и националната безбедност, а тоа е од голема важност и за нашата држава и нашите граѓани“, информираат организторите.
Димитровски нагласил дека итната интеграција на Западниот Балкан во ЕУ е, пред сé, безбедносно прашање за Европа, особено во светлина на создавањето нови воени сојузи во регионот во кои не се вклучени сите држави. Од друга страна, рекол, нашата држава од безбедносен аспект е во голема мера зависна и од нејзиното стратегиско партнерство со САД, кое треба да биде искористено и за економски, инфраструктурен и енергетски развој.
Обраќања имале и гостите од странство, професорот по геополитика д-р Рикардо Редаели од Универзитетот Католика во Милано и професорот и научен истражувач д-р Скот Романиук од Универзитетот Корвинус во Будимпешта, како и македонските дипломати и професори Сања Зографска, проф. д-р Никола Дујовски, доц. д-р Горан Китевски и доц. д-р Данчо Марковски.
„Во нивните излагања, учесниците се осврнаа на теориските и практични аспекти на географијата и нејзината поврзаност со геополитиката при што го нагласија влијанието на географските фактори (терен, клима, природни ресурси, вклучително и ретките минерали, пристап до море, демографија и др.), врз обликувањето на надворешната политика и безбедносните одлуки. Беше нагласена ургентноста на ова тема со оглед на тековните геополитички контроверзии во врска со пристапот кон искористувањето на рудните богатства, геостратешката положба на конкретни територии и длабоките промени во меѓународните односи“, појаснуваат организаторите на конференцијата.
Во дискусиите особено внимание му било посветено на влијанието на географската конфигурација на Македонија (планини, клима, минерали и други богатства, немање излез на море и пловни реки) врз дефинирањето на нејзината надворешна политика, национална безбедност и економски развој. Како што заклучиле дел од учесниците, за мала земја со специфична конфигурација, од особена важност е да посветува внимание на енергетската независност, регионалната соработка и европските интеграции, како и на јакнењето на институционалните капацитети, особено во доменот на безбедноста и на дипломатијата, заради остварување на долгорочните стратегиски цели.
На конференцијата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во Скопје, членови на Дипломатскиот клуб, професори и студенти од Универзитетот Американ Колеџ Скопје и други гости.