Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакнал дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот сами за себе не претставуваат проблем.
„Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес“, истакнал Димитровски.
На форумот свои обраќања имале и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.