Како што кажа Димитриевски во гостување на Канал 5, нереформираната ДУИ ги вклучува челните луѓе на партијата, сите оние кои беа поврзани со коруптивните скандали во минатото, сите оние кои го политизираа независниот судски и обвинителски систем и дополнително, како што рече, направија целосна политизација на целиот државен апарат или партизација против која ние се бориме.
„Не е само Ахмети. Таму се еден голем број политичари, Сметам дека тоа е голема политичка партија, во која има голем интелектуален и кадровски потенцијал кој може да ги замени овие актуелните кои денеска таа партија ја водат од позициите таму каде што се“, рече Димитриевски, додавајќи дека тоа е нивна одлука и внатрешно прашање за нив.
Димитриевски потенцира дека ЗНАМ со ВМРО-ДПМНЕ гради партнерски однос во власта, а не притисок како во минатото.
„Владината програма се имплементира во континуитет и заедно се бориме против корупцијата, како од надвор и од спротивната страна, така и во сопствените редови“, подвлече Димитриевски.
Прашан за претстојните локални избори, тој рече да се остави на времето, да се завршат разговорите и потенцира дека ЗНАМ поседува човечки, интелектуаелен и партиски капацитет да има свој кандидат во најголем дел од општинските организации, а тоа, како што реч, се вкупно 50.
„Мислам дека до крајот на мај ќе го имаме епилогот од самите разговори и тоа ќе го соопштиме“, додаде Димитриевски.
Тој информира дека не бега од судот, секој месец оди на рочишта и ја чека конечната одлука на судот или како што рече во овој случај на Обвинителството.