вторник, 24 февруари 2026

Димитриевски: Недозволиво е лице кое подолг временски период е во бегство од законот, да заврши во куќен притвор

Невиден преседан е определувањето на мерката куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби, смета лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски кој денеска во Куманово ја коментираше одлуката побарана од страна на обвинителството, донесена од судијата на претходна постапка. Тој одговарајќи на новинарски прашања кажа дека ако сакаме во Европа, ќе мора да споделуваме европски вредности, нагласувајќи дека сериозна држава не смее да си дозволи вакви преседани.

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа одлука само ги потврдува нашите ставови и како политички субјект и моите лични ставови во делот на нефункционалноста на судскиот систем. Недозволиво е лице кое подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и да му се изрекува мерка притвор и истото од распит завршува дома. Сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани. Но, оставам на институциите на системот да се позанимаваат со ова што тоа значи. Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци истите да ги санкционира, во спротивно не се менува ништо“, изјави Димитриевски.

Тој потсети дека е легалист и дека самиот присуствувал на секое рочиште кое се водеше против него во кумановскиот Основен суд. За Димитриевски е недозволиво Груби после 14 месеци бегство да заврши во куќен притвор.

„Јас сум легалист! Видете, кога бев обвинет, редовно се појавував на сите судски рочишта. Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал, беше отсутен од државата повеќе од 14 месеци, се врати и заврши во домашен притвор што е недозволиво за еден сериозен систем. Сакаме во Европа, сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата“, изјави Димитриевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ