Министерката, како што соопшти Министерството за финансии, ја претставила успешната приказна на земјата за унапредување на зелената транзиција преку комбинирано финансирање и стратешки партнерства.
Димитриеска-Кочоска го презентирала механизмот за зелено финансирање (Green Finance Facility – GFF), што земјава го воспостави како инструмент за поддршка на мали и средни претпријатија и ранливи домаќинства во инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност.
„ГФФ не е само финансиски инструмент. Тоа е катализатор на трансформација кој овозможува реални, инклузивни и мерливи промени во заедниците“, истакналa Димитриеска-Кочоска.
Посочила дека резултатите од досегашната имплементација се значајни.
„Поддржани се 57 проекти на мали и средни претпријатија со инвестиции над 15,5 милиони долари, кои ќе донесат заштеди на енергија од 17.828 гигаџула и ќе намалат емисии од речиси 4.000 тони CO₂. Поддржани се и 58 ранливи домаќинства, со инвестиции од 370.000 долари, кои резултираат со годишни заштеди од 621 мегават часови и намалување на емисии од 192 тони CO₂. Дополнително, проектите директно придонесуваат за намалување на аерозагадувањето (PM2.5 и PM10), што значи поздрава животна средина за граѓаните“, подвлекла Димитриеска-Кочоска.
Нагласила дека успехот на ГФФ е резултат на партнерства со ОН, Европската банка за обнова и развој, како и со мрежа на домашни банки и лизинг-компании.
„Нашата визија за зелена транзиција е праведна, инклузивна и насочена кон најранливите. Никој не смее да биде изоставен“, порачала министерката, додавајќи дека земјата е посветена на проширување на овој модел и ги повикала меѓународните партнери да се приклучат во зголемувањето на неговиот опфат и влијание.
На конференцијата било подвлечено дека моделот на комбинирано финансирање – преку мобилизација на јавен и приватен капитал, техничка помош и стимулации врз основа на перформанси, ја намалува финансиската неизвесност и овозможува поширок пристап до инвестиции што се климатски паметни и социјално одговорни.
Димитриеска-Кочоска ја потврдила посветеноста на земјава кон реализацијата на Агендата 2030 и Парискиот договор, нагласувајќи дека глобалната соработка е клучна за изградба на позелен, поправеден и поотпорен свет.






