среда, 7 јануари 2026

Димитриеска Кочоска: Со е-фактура повеќе транспарентност

Поефикасна наплата на даноците и посилна борба против сивата економија треба да овозможи системот е-фактура, што почна да се имплементира во пилот фаза.

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска на прес-конференција рече станува збор за важна реформа што носи повеќе транспарентност, правичност и стабилност за македонската економија и е сериозен чекор во борбата против сивата економија.

Новиот електронски систем, посочи министерката, ќе ги замени традиционалните процеси поврзани со обемна употреба на хартија и физички документи.

„Со тоа го намалуваме административниот товар и го поедноставуваме работењето на фирмите. Дигитализацијата и ослободувањето од бројни административни обврски ќе им овозможат на компаниите своите ресурси да ги насочат кон клучните аспекти на нивниот развој и раст. Со Е-фактурата ја правиме економијата пофер, потранспарентна и поотворена за инвестиции, а конкуренцијата ја подигнуваме на повисоко ниво. На овој начин обезбедуваме фер услови за работа и основа за одржлив економски раст, кој директно придонесува за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Од друга страна, за државата, Е-фактурата ќе овозможи поефикасна наплата на даноците, заснована на точни и реални податоци, како и поцврста и попрецизна борба против сивата економија“, рече Димитриеска Кочоска.

Како што појасни директорката на УЈП Елена Петрова, ќе се тестира АПИ интерфејсот за испраќање е-фактури  – технички мост што ќе ги поврзува бизнис софтверите со платформата за е-фактурирање и ќе овозможува да комуницираат на директен и стандардизиран начин, што значи е-фактурите да се испраќаат и примаат автоматски.

„Објавена е целата техничка документација за АПИ интерфејсот, за да можат деловните субјекти да почнат со прилагодување на софтверските решенија и со техничка интеграција. Со ова е овозможено  сите засегнати страни – деловните субјекти и софтверските компании – да почнат и со тестирање на реална размена на податоци со системот е-фактура во контролирана тест околина, што е суштински важен чекор пред продукциската примена на системот“, рече Петрова, повикувајќи во пилот фазата да се вклучат активно сите ИТ компании и деловни субјекти

Покрај јавниот повик, УЈП преку своите тимови за поддршка постепено ќе ги контактира и ќе им дава непосредна помош на сите компании од кои се очекува да бидат вклучени во оваа фаза.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ