Еден од приоритетите на Народната банка, нагласи, е инфлацијата.
„Знаеме дека имавме два моменти кои беа клучни во изминатиот период што се случуваа и не можат да се средат преку ноќ. Едниот момент се колективните договори, коишто ги имаат различни институции, со кои во континуитет преговараме и договараме како понатаму. Но ние мораме да ги испочитуваме обврските кои некој пред нас ги превземал, тоа е едниот момент. И вториот момент кој мене многу повеќе ме загрижува, тоа е дека просечната плата и понатаму ќе расте поради тоа што нема доволно работна сила и компаниите во приватниот сектор имаат голем проблем со ова. Сега се трудиме нешто да направиме во тој дел со преквалификации, одредени промени на закони, но треба време да се направат анализи“, рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката нагласи дека со гувернерот треба да се усогласени.
„Фискалната и монетарната политика мора да бидат усогласени една со друга. Утрово го имавме првиот состанок со гувернерот, се договоривме за почести состаноци во насока да имаме координирана заедничка политика, затоа што фискалната и монетарната политика мора да функционираат една со друга“, додаде министерката за финансии.
Во однос на финалната потрошувачка, појасни, растот на плати од 10 отсто по автоматизам значи и финалната потрошувачка.
„Луѓето добиваат повисоки плати, повисоки пензии и финалната потрошувачка расте. Тука воопшто немаме никава дилема. Во однос на инфлацијата, ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму, знаеме дека имаше и мерки спроведени од страна на Владата и тој дел се следи, ќе се координираме со монетарната политика, ќе спроведуваме и ќе реагираме соодветно на предизвиците коишто ќе следат“, подвлече Димитриеска-Кочоска.