четврток, 11 декември 2025

Димитриеска-Кочоска од Истанбул: Македонија влегува во нова фаза на економска трансформација

Македонија влегува во нова фаза на економска трансформација, со јасен фокус на инвестиции, дигитализација и фискална стабилност, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето воведно обраќање на отворањето на Истанбулскиот економски самит 2025, кој денеска и утре се одржува под мотото „Нова рамнотежа и глобална соработка“.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот, како што информираат од Министерството за финансии, ги собра носителите на економските политики, меѓународните финансиски институции, претставници од академската заедница и бизнис секторот од регионот и Европа, со цел да се разгледаат клучните прашања поврзани со глобалните економски промени, неопходните реформи и градењето на нови партнерства во свет исполнет со динамични предизвици.

Во своето обраќање министерката нагласи дека современите економии се соочуваат со силни притисоци, од геополитички ризици, до енергетски и технолошки шокови, поради што државите мора активно да работат на креирање адаптивни и отпорни системи.

„Светот не е ист. Геополитичките ризици, енергетските предизвици и економските шокови создадоа нова светска архитектура. Денес, глобалните економски и политички односи се движат со невидена динамика“, истакна Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека токму затоа државите, особено оние во развој, мора да дејствуваат проактивно.

Таа потенцира дека Македонија веќе гради економија заснована на фискална дисциплина, предвидливост и модернизација, обезбедувајќи подобри услови за приватниот сектор и инвеститорите.

Со тековните реформи во јавните финансии, посочи, приоритет е зајакнување на буџетската одржливост, повеќе средства за продуктивни инвестиции, зголемена транспарентност и ефикасност во трошењето на јавните ресурси.

Министерката го истакна развојот на човечки капитал и дигитализацијата како основа на новата економија. Владата работи на дигитални јавни услуги, подобрување на финансиската инфраструктура и интеграција на домашните компании во меѓународните пазари, истовремено поттикнувајќи ги младите да останат и да градат кариера во земјата.

„Новата глобална соработка не е само предизвик – таа е можност. Македонија е подготвена да биде дел од овие процеси – со нови инвестиции, реформи, партнерства и со јасна визија за иднината“, порача министерката, нагласувајќи дека државата избира да биде активен учесник во креирање економски решенија, а не пасивен набљудувач.

Фокусот на Истанбулскиот економски самит 2025 е насочен кон економски политики за одржлив раст, јакнење на економската соработка меѓу државите и развој на нови партнерства.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ