„Нашиот пристап е јасен и двонасочен – силна поддршка на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и строга дисциплина во управувањето со јавните финансии. Приоритет ни е навремено сервисирање на обврските, стабилни јавни финансии и економија што создава додадена вредност. Улогата на државата е во позадина – колку е подобро организирана и колку повеќе го поддржува приватниот сектор, толку резултатите се подобри“, нагласи Димитриеска-Кочоска одговарајќи на пратеничко прашање денеска во Собранието.
Таа посочи дека економските резултати во изминатиот период се значително подобрени. Растот на БДП по квартали во 2025 година достигна 2,9 проценти во првиот, 3,5 во вториот и 3,8 проценти во третиот квартал, додека номиналниот раст надмина 10 проценти. Овие трендови, како што истакна, создаваат услови за понатамошно намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг како процент од БДП.
Во текот на 2025 година, како што посочи Димитриеска-Кочоска, за поддршка на приватниот сектор од буџетот се исплатени 16,9 милијарди денари преку различни механизми, вклучително и Развојната банка, средства кои веќе даваат конкретни резултати во економијата.
Во однос на јавните финансии, министерката потенцираше дека фискалната консолидација не е декларативна, туку реална и мерлива. Буџетскиот дефицит е намален од речиси 8 проценти од БДП во 2020 година, на 4,4 проценти во 2024, 4 проценти во 2025 година, со проекција за дополнително намалување на 3,5 проценти во 2026 година.
Министерката посебен акцент стави на успешно издадената еврообврзница на почетокот на 2026 година, која, според неа, е реализирана во вистински момент и со историски најповолни услови – најниска маргина над ЕУРИБОР и најниски трошоци досега.
„Интересот од инвеститорите достигна 4,3 милијарди евра за побараната сума од една милијарда евра, што е јасен показател за довербата во економските политики и институционалната стабилност на државата. Еврообврзницата не е сама по себе цел, туку мерка за довербата и перцепцијата за иднината на економијата. За првпат имаме значително учество на долгорочни институционални инвеститори, вклучително и најголемиот пензиски фонд од САД“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.






