Посетата ќе биде можност Димитриеска-Кочоска на средби со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции да ги претстави економските и пред сѐ фискалните политики што ги спроведува Владата, напорите за фискална консолидација, за одржување макроекономска стабилност и за обезбедување одржлив економски раст, соопшти Министерството за финансии.
Предвидено е министерката да има средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршните директори, Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер и шефот на мисијата на ММФ за Македонија, Ник Гигинеишвили. На агендата се средби и со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка, Јуџин Ругенат, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Шиаочин Ју и со директорката за Македонија во СБ, Карол Межеван.
Димитриеска-Кочоска во Вашингтон ќе има можност да оствари средби и со претставници на Трезорот на САД, со којшто е воспоставена соработка во насока на зајакнување на ефикасноста на институциите, како и со повеќе инвеститори коишто се вклучени во процесот на издавање еврообврзници.
Годишните средби на ММФ и СБ оваа година се одржуваат под мотото „Можност во време на промени“, а на нив учесниците, односно министрите за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл. ќе можат да се осврнат на актуелните состојби и на предизвиците во глобални рамки, како и на изнаоѓање можни решенија. На годишните средби во Вашингтон, министерката за финансии учествува заедно со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.






