вторник, 24 март 2026

ДИК под лупа на ревизорите: милиони без реализација, систем без контрола и ризик за изборниот процес

Државниот завод за ревизија (ДЗР) откри слабости во управувањето со парите, имотот и изборни ресурси во 2024 година од страна на Државната изборна комисија (ДИК) која, според најновиот ревизорски извештај објавен денеска, не ги поправила старите грешки утврдени во 2019 година, а дел од јавните набавки за кои биле распишувани огласи воопшто не биле реализирани. При ревизијата било утврдено дека пописот на средствата и обврските не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти, дека не била извршена процена на вредноста на дел од недвижностите, како и дека планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не се вршеле во согласност со законски утврдениот сооднос.

Објавено на

часот

Сподели

Државната изборна комисија (ДИК) доби неповолно мислење од Државниот завод за ревизија (ДЗР) за своето работење во 2024 година со што укажува на сериозни проблеми во финансиското работење и почитувањето на законите од страна на ДИК. Според конечниот извештај на ДЗР, финансиските извештаи на ДИК не ја прикажуваат вистинито состојбата, ниту пак институцијата работела во согласност со прописите.

„Пописот на средствата и обврските не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти, не е извршена процена на вредноста на дел од недвижностите, планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не се врши согласно законски утврдениот сооднос, ненавремено и некомплетно доставување на потребната документација за трошоците за спроведените изборни дејствија на изборните органи, не е назначен генерален секретар, набавени се стоки и услуги за кои не е спроведена јавна набавка и недоследна примена на одредбите од Законот за јавни набавки при набавка на софтверско решение за сумирање и објава на изборни резултати“, се наведува во резивозрскиот извештај на ДЗР.

Нејасни правила за поделба на парите во кампањите

Една од најголемите забелешки на ревизорите е за тоа како се делеле парите за политичко рекламирање помеѓу партиите што учествувале на изборите. ДЗР констатирал ризик при распределбата на средствата  затоа што според извештајот, нема јасни критериуми како се делат парите меѓу партиите на власт, опозицијата и помалите партии.

„Сметаме дека вака уреденото платено политичко рекламирање, односно распределбата на вкупните средства според принципот 45 отсто, 45 отсто, 7 отсто и 3 отсто, не обезбедува објективни критериуми за распределба на јавните средства, давајќи значителна предност на најголемите парламентарни партии, притоа ограничувајќи ги можностите на останатите партии и независните кандидати да ги претстават своите програми на радиодифузерите, електронските и печатените медиуми, и одредбата за склучување на претходен писмен договор помеѓу учесниците во изборната кампања, создава можност распределбата на средствата да се врши на различен начин и процент помеѓу политичките партии во позиција, опозиција, политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група, политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати, без притоа да постои јасно утврдени мерливи критериуми за распределба на овие средства“.

Јавните набавки се менувале повеќепати

Ревизијата открила проблеми и во спроведувањето на јавните набавки. Во текот на 2024 година биле планирани 48 постапки од кои 14 воопшто не биле реализирани. Вредноста на нереализираните набавки изнесува над 12,6 милиони денари. Дополнително, планот за јавни набавки бил менуван повеќепати, што според ревизорите укажува на нестабилно планирање и импровизации.

„Во текот на 2024 година без спроведена постапка за јавни набавки исплатени се средства за набавка на стоки и услуги во вкупен износ од 3.217 илјади денари што не е во согласност со Законот за јавни набавки. Набавката на стоки и услуги без спроведена јавна набавка не обезбедува почитување на начелата содржани во законот, а кои се однесуваат на потребата од обезбедување на конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација, транспарентност и интегритет во процесот на доделување на јавни како и рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за доделување на договори за јавни набавки“.

ДИК плаќал ДДВ без прецизно утврдени правила

Еден од наодите на ДЗР се однесува и на плаќањето данокот на додадена вредност (ДДВ) за изборниот материјал. Според ревизорите, иако законската рамка не е прецизно уредена ДИК сепак платила ДДВ во износ од 631 илјада денари. Дополнителни слабости се утврдени и во управувањето со имотот односно не бил направен неправилен попис на опремата, не биле евидентирани пари, а донациите се евидентирале дури по интервенција на ревизорите.

„Ревизијата истакнува дека со Законот за додадена вредност не е регулирано даночно ослободување за ДДВ во врска со спроведување на изборите, ниту министерот за финансии има донесено подзаконски акт за начинот на постапување при оданочување со данок на додадена вредност на прометот на гласачките ливчиња и изборниот материјал потребен за спроведување на изборите. Истакнуваме дека врз основа на фактури по склучени договори од две спроведени постапки за јавни набавки за потребите на изборите во 2024 година, од страна на ДИК во склучениот договор е предвиден и платен ДДВ на избраните понудувачи во вкупен износ од 631 илјадa денари“, пишува во извештајот на ДЗР.

Старите грешки се и нови грешки, препораките од ДЗР без ефект

Иако слични слабости биле утврдени уште во 2019 година, ДИК не ги отстранила. Ревизорите констатирале дека од вкупно девет препораки само една е целосно спроведена, четири се делумно реализирани, а четири воопшто не се спроведени што според ДЗР укажува на системски проблем, а не на изолиран пропуст.

„Од дадените девет препораки една е спроведена, четири делумно, а четири не се спроведени“, децидни се од ДЗР.

Во насока на надминување на утврдените состојби, ДЗР на ДИМ им дал препораки меѓу кои за потребата за трајно обезбедување на соодветен простор за складирање и чување на доверливиот и недоверливиот изборен материјал како и на уредите за биометриска идентификација на гласачите, начинот на евидентирање, обработка на податоците и пресметката на надоместокот на лицата членови на изборните одбори на кои им се исплатува надомест за ангажман во изборни активности

„Дадовме препораки за кадровска екипираност на стручната служба на ДИК, начинот и условите за спроведување на гласањето на граѓаните кои за време на изборите се наоѓаат на привремена работа или престој во странство и поведени судски постапки во кои ДИК е странка. Ја истакнавме потребата од усогласување на законите кои го уредуваат оданочувањето на изборните активности и преиспитување на начинот на распределба на средства за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи“, се наведува во препораките на Државниот завод за ревизија упатени до Државната изборна комисија.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ