понеделник, 8 декември 2025
Локални избори 2025

ДИК: Излезноста до 9 часот на вториот круг од изборите е 2,88 проценти

Одѕивот на вториот круг од локалните избори до 9  часот е 2,88 отсто, а гласале 22.379 граѓани, објави на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко. На ниво на Град Скопје одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.

Објавено на

часот

Сподели

„Гласачките места се навреме и уредно отворени, гласањето тече во најдобар ред. Постапката се одвива уредно, немаме никаков проблем досега со изборниот материјал, ниту со постапувањето на избирачките одбори, рече Кондарко на прес-конференција.

Тој соопшти дека единствено во Дојран на избирачкото место 0385 поради технички пробеми со смарт картичка на уред за биометриска идентификација имало мал застој, но проблемот е решен и гласањето тече непрекинато.

Кондарко најави дека во текот на денов ДИК ќе посети определени избирачки места и општински изборни комисии по сопствена проценка и без претходна најава, со цел да го набљудува текот на изборите. И по 19 часот тимови на ДИК ненајавено ќе бидат на определени места каде ќе го набљудуваат и броењето на гласовите, со цел поголема транспарентност и увид во работата.

Останува препораката на ДИК дека на процесот на броење може да биде присутен целокупниот состав на избирачкиот одбор.

„ДИК и во текот на денов е во постојана комуникација со Комисијата за следење на изборниот процес од Јавното обвиителство од превентивни причини. Ако има каква било потреба уште во текот на гласањето или броењето ќе го известуваат. ДИК ќе го достави и доверливиот изборен материјал доколку се јави потреба“, велат од ДИК.

Во вториот круг на локалните избори денеска се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје на 1.771 избирачки места. До 19 часот правото на глас можат да го искористат 1.013.375 гласачи, меѓу кои и 474.304 избирачи во Градот Скопје.

Следната прес-конференија на ДИК е во 11:30 часот. Првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот, а ококу 23 часот ќе се одржи прес-конференција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ