Државната изборна комисија на денешната 162-ра седница ја спроведе јавната ждрепка за редоследот на гласачкото ливче за повторените избори кои ќе се одржат во овие општини. Претходно, како што наведе претседателот на ДИК, Борис Кондарко, општинските изборни комисии ги потврдиле листите за изборите.
На денешната седница беше донесена и одлука за објавување на описите на избирачките места, согласно законските обврски за повторените избори и согласно роковникот кои ќе се објават на официјалната страна за да бидат достапни за граѓаните и јавноста навреме да се информира.
„Со цел, да се информираат граѓаните, да можат да го остварат своето право на глас, за избирачките места, иако во скоро време имавме избори, ова се повторени, локациите не се променети, но законската обврска е да го направиме и објавиме заради остварување на правата на граѓаните и навремено информирање за изборите на 11 јануари“, рече Кондарко.
На денешната седница ДИК го усвои и предлог-планот за спроведување на едукација на избирачките одбори за повторените избори во овие четири општини, што исто така е законска обврска.
„Мора да ја поминат обуката од сертифицираните обучувачи, за таа цел, имаме определено седум обучувачи кои ќе ја спроведат едукацијата во четирите општини за секое избирачко мести и за секој избирачки одбор“, објаснија Кондарко и членот на ДИК, Дитмире Шеху.
На седницата беа утврдени и локациите за билборди и рекламни паноа за пакети кои ги доставиле петте компании кои се пријавиле во ДИК за рекламирање на учесниците на изборите.
На денешната седница беше донесена и одлука за исплата на надомест на лица ангажирани за толкување со знаковен јазик во ДИК за локалните избори. На денешната седница беа разгледани седум точки на дневниот ред.
„ДИК навремено ги извршува сите подготовки за организација на повторените избори во четирите општини. И наредната седница ќе биде јавна“, кажа Кондарко.






