Согласно роковникот, изборите за градоначалник ќе се одржат во недела на 11 јануари. Увидот во Избирачкиот список започнува на 26 ноември и ќе трае до 10 декември, а најдоцна ќе биде заклучен на 20 декември. Проверката во Избирачкиот список граѓаните ќе може да ја направат во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК во овие општини.
Собирањето на потписи за независните кандидати започнува на 21 ноември и трае десет дена, односно до 30 ноември во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК во овие општини.
Рокот за доставување на листи на кандидати е 11 декември на полноќ до ОИК, а најдоцна на 17 декември ќе се одржи жрепката за редоследот на кандидатите.
Изборната кампања трае 20 дена и започнува на 22 декември и трае до 9 јануари 2026 година на полноќ, кога почнува 24 часовниот молк.
Кондарко рече дека општинските изборни комисии во овие четири општини ќе добијат задолжение да ги почнат подготвките за избори на градоначалници.
Во однос на платеното политичко рекламирање, на седницата беше посочено дека утре почнува тридневниот рок за пријавување на медиумите во регистарот на медиумите на ДИК за овие избори, а потоа почнува и петдневниот рок за доставувањето на ценовниците.
ДИК на седницата донесе и низа други одлуки за подготовка и спроведување на изборите за градоначалници во овие четири општини.
Во Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше во првиот круг на локалните избори, на 19 октомври немаше цензус за избор на градоначалник. Во овие општини во првиот круг не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни.
Во Гостивар одѕивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.






