„Искрено, после 30 години политички стаж најмалку очекував токму мојата матична партија да ме остави целосно без зборови и коментар.
Во сите јавни настапи сум бил максимално умерен, дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став. Ако таа умереност сега станува закана за актуелниот партиски врв, тогаш СДСМ има многу поголем проблем отколку што и мислиме.
СДСМ имала и ќе има многу поголеми личности од актуелниот претседател. И, никој од нив никогаш не се ставил над партијата, над нашето семејство. Тоа не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде“, вели Деспотовски во својата реакција.
Притоа тој упати и лична порака до актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче.
„Една лична порака за крај или за почеток – Венко, со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва“, порача Јован Деспотовски.
Јован Деспотовски беше директор на ФИТР (Фонд за иновации и технолошки развој), како и на ТИРЗ (Технолошко-индустриските развојни зони), во периодот од 2017 до 2024, додека СДСМ ја предводеше македонската влада.






