АЦВ на 1 јули објави јавен повик за кофинансирање до 50 проценти на обуки за 27 лица, по што следуваше тестирање на кандидатите. Уверенија за кандидати за приватен пилот на авион PPL-A SEP land добија седум лица, за пилот на ултралесни воздухоплови (ULPL) две лица, а за пилот на едрилица по програма со аерозапрега (SPL) едно.
Министерот Николоски и директотот Стојановски изјавија дека обуките се во насока на надминување на состојбата со сериозен недостаток на воздухопловен персонал. Станува збор за основни обуки, а АЦВ најавува повик и за напредни обуки со што, како што изјави Николоски, би се произвел воздухопловен кадар што ќе се вклучи и во државните ресурси и во приватниот сектор.
„Продолжуваме со поддршката, процесот е отворен и транспарентен, се надевам дека на идниот повик ќе има уште поголем интерес“, изјави Николоски.
Дел од обуките се основа за натамошен професионален развој и градење професионална пилотска кариера, а дел се од областа на воздухопловно спортски активности како стимул за досегашните високи резултати постигнати од поединци, тимови и репрезентацијата на европски и светски натпревари. Целта на проектот, посочуваат, е и да ги раздвижи и обнови активностите во аероклубовите и спортските аеродроми кои соочувајќи се со финансиски проблеми, нерешени имотно-правни односи, без помош од државата – полека замираат, а кои во минатото беа основата за создавање на персонал кој подоцна го користеле и Министерството за одбрана, воздухопловните единици на МВР, СОЗР, ДЗС – пилоти на АТ 802А Fire Boss, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство.






