Најмногу пријави се регистрирани од улиците Теодосиј Гологанов, Париска, Никола Русински, Димитар Туриманџовски, Ѓорче Петров, Самоилова, Варшавска, Струма, Методија Митевски, Ацо Шопов и Лука Геров, но оштетувања има и во населбите Топаана, Бутел, Козле, Сопиште и Виниче.
На булевар „Партизански одреди“ дрво паднало врз повеќе паркирани автомобили, а во дворот на градинката „Орце Николов“ на ул. Драгиша Мишовиќ, друго дрво ја оштетило едно возило.
Граѓаните пријавиле и повеќе паднати или навалени бандери и кабли под висок напон, што претставувало дополнителна опасност. На ул. Шар Планина и ул. Лука Геров биле забележани искрења на жици на ЕВН, додека во Шишево и во близина на православните гробишта паднати бандери попречиле движење и носеле ризик од струјни удари.
Покрај ова, оштетени се покриви од куќи и згради, контејнери, семафори и дел од јавни институции, меѓу кои Драмскиот факултет и Министерството за труд и социјална политика.
Екипите на надлежните служби излегоа на терен и интервенираат по приоритет, со цел расчистување на паднатите дрвја, обезбедување на електричните кабли и нормализирање на сообраќајот. Се апелира граѓаните да ги избегнуваат ризичните локации и да постапуваат според насоките на службите.






