Годинашниот настан е посветен на 750-та годишнина од основањето на Амстердам, како и одбележувањето на националниот ден на Холандија – Денот на Кралот на 27-ми април.
Како што соопштија од Амбасадата на Кралството Холандија, посетителите на Ист гејт ќе имаат единствена можност да ја доживеат атмосферата на автентичен холандски пазар и уметничка колонија, како и да учествуваат во игра на потрага. Настанот вклучува и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје и сликање во живо во организација на ДСУЛУД Лазар Личеноски и Академијата за уметности Фонтис.
„Во партнерство со повеќе холандски и македонски компании, уметници и организации, се обидовме по трет пат да донесеме холандски вкусови и бои во Скопје. Сакаме заедно со вас да ги одбележиме убавите нешта кои нѐ поврзуваат, како што се уметноста, културата, добрата храна, цвеќето и секако – велосипедите“, изјави амбасадорката Узлем Џанел на отворањето.
Холандскиот пазар ќе биде отворен викендов од 12 до 18 часот, додека изложбите и играта на потрага ќе бидат достапни во текот на работното време на Ист гејт, од 10 до 22 часот.