Денот на албанската азбука е во календарот на празници на малцинските заедници во Македонија и е неработен ден за припадниците на албанската заедница, но речиси редовен безбедносен предизвик е одбележувањето на т.н. ден на албанското знаме. Овој ден, „вообичаено“ во неколку града од западниот дел на Македонија се одблежува со „граѓански собири“ и веење на албанското знаме по градските улици и плоштади, од автомобили, на приредби, а годинава во Тетово и – на коњи. Манифестациите се обично „уредно“ пријавени во МВР, па полициското обезбедување е упадливо забележително, како што беше вчера во Скопје.
За разлика од минатата година и инцидентите со палење на македонското знаме во Македонија, годинава во полициските билтени немаше пријавено такви случаи. Но сепак, како своевиден „симпатичен поздрав“ до регионот, од Албанија, која сè почесто е фалена од Брисел како „најпросперитетна кандидатка за ЕУ“, на социјалните мрежи се прошири фотографија од ученици во оваа земја, кои составуваат карта на сонуваната „голема Албанија“. Порака до соседите, но и до ЕУ, дека во Албанија не се откажуваат од „големите соништа“ со кои ги воспитуваат и генерациите кои доаѓаат и покрај „вредностите на ЕУ“ што треба да ги усвојуваат, а кои никако не се во корелација со големодржавните мечти од 19 век. Секако во макетата што ја составуваат учениците од Албанија јасно се напишани „пазлите“ со делови од Македонија, Црна Гора, Грција, Србија, а Косово се „подразбира“.
Искушенијата на европските вредности пред соништата за „голема Албанија“ се регистрирани и во училиштата во албанските средини во Македонија. Минатата година, по истиот повод – денот на албанската азбука (или знаме), во неколку основни училишта во Тетовско беа организирани приредби на учениците, како своевиден „омаж“ на паравојската на ОНА (УЧК), која во 2001 година изврши напад врз македонските државни институции. Од Министерството за образование и Државниот образовен инспекторат беа спроведени надзори, „истраги“ за иницијаторите за милитантните приредби во училиштата, но некако исходот од нив се „заметна“ во динамиката на политичките настани кои следеа.
Иако без (пријавени) инциденти, наметливите манифестации на прослава на „денот на албанското знаме“, кај сите неалбанци во Македонија (а многу веројатно и во регионот) предизвикуваат асоцијација за анахрониот сон за „голема Албанија“, кој секогаш го држи македонското општество на штрек, како некаков тест за соживотот, а сè повеќе и за капацитетот за восприемање европски вредности.
Ј.П.






