Како што стои во соопштението на МЦМС, верските заедници се меѓу клучните чинители во превенцијата и спречувањето на насилниот екстремизам, бидејќи присуството и активностите со граѓаните кои положуваат доверба кон нив, можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина.
„Нивното присуство во заедниците, активностите со граѓаните/верниците, довербата која граѓаните ја имаат во нив можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина и успешно спротивставување на овој феномен. Ова беше мотивот за иницирање на потпишувањето на оваа декларација која веруваме ќе ги зајакне напорите во превенирањето и борбата против насилниот екстремизам“, стои во соопштението.
Декларацијата ќе ја потпишат архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и директорот на МЦМС Александар Кржаловски.