Во петокот на 18 април во 20.40 часот на магистралниот пат Кичево-Гостивар, кај место викано „Сеферов бунар“, се случи сообраќајна несреќа меѓу три возила, со трагичен исход од тројца починати и осуммина повредени. Сообраќајката се случила помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З.Д. (64) од Битола, патничко возило „форд“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.Р. (63) од село Горно Страгомиште, кичевско и патничко возило „опел“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Х.Е. (38) од Гостивар. На местото на настанот починале возачите З.Д. и Х.Е., а сопатничката од патничкото возило „опел“ Б.Е. (38) од Гостивар, била пренесена во Медицинскиот центар Кичево, каде починала.
Во несреќата со телесни повреди се здобиле возачот А.Р. и неговата сопатничка А.А.(67) од село Колари, Кичевско, сопатникот од возилото „мерцедес“ Д.С. (37) од Кичево и сопатниците од патничкото возило „опел“- тројца малолетници од Гостивар и Р.Е. (60) од селото Шутово, кичевско, констатирани во медицински установи во Кичево и Скопје.
Според првичните наоди на истрагата, причината за оваа трагична несреќа била неприлагодена, огромна брзина на возилата што учествувале во сообраќајката.
За лошите навики на возачите да не ги почитуваат препораките, дури ни по големи несреќи, илустративен е случајот на истиот магистрален правец, ниту 24 часа по трагедијата во која животот го загубија три жртви. Имено, полициски службеници од ПС Гостивар на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во саботата (19 април) околу пладне во близина на каменоломот, го лишиле од слобода Ф.С. (59) од село Ливада, Струшко. Како што соопшти МВР, приведениот возач со неговото возило „фолксваген“ со струшки регистарски таблици, извршил престигнување на подолга колона на возила, при што ја загрозил безбедноста во сообраќајот.
Во саботата наутро, на 19 април, загина момче на 19-годишна возраст од село Миравци, кога со автомобил „бмв“, што го управувало, излетало од коловозот на регионалниот пат меѓу селата Миравци и Давидово.
Во петокот пак, на 18 април, во 21 часот во СВР Охрид, било пријавено дека на улицата „Кеј Македонија“ во Охрид, 15-годишник на мотоцикл повредил повеќе пешаци кои му се нашле на „линијата на движење“. Петнаесетгодишникот удрил во двајца малолетни пешаци и во 18-годишната М.И. од Скопје, а потоа удрил во паркирано патничко возило „киа“ со охридски регистарски ознаки, по што го напуштил местото на настанот. По преземени мерки од страна на полициски службеници, 15-годишникот е пронајден. Во несреќата тешки телесни повреди добила една малолетничка од Охрид, а телесни повреди другиот малолетник од Скопје, М.И., како и мотоциклистот, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид.
Истиот ден се случила сообраќајна несреќа во Дебар помеѓу патничко возило „опел астра“ управувано од С.Р. (38) од село Горно Косоврасти, Дебарско и мопед со дебарски регистарски ознаки, управуван од Д.Т. (19) од Дебар. Во несреќата тешки телесни повреди добил мотоциклистот, констатирани во Јавната здравствена установа Дебар.
Мотоциклистите, најчесто малолетни, се чини дека се учесници во сообраќајот како најизложена категорија на незгоди, но во многу случаи и самите ги предизвикуваат. Вчера, на Велигден, четиринаесетгодишник од Велес добил тешки повреди откако паднал од мотор кај новите згради „Атлантис“ во близина на поранешната фабрика „Киро Ќучик“ во неговиот град.
Од Итната медицинска помош информираа дека момчето добило тешки повреди и по укажаната прва помош однесен е во Општата болница во Велес, а потоа поради сериозноста на повредата е препратено на натамошно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје.
Во неделата, на Велигден, се случи и една по малку бизарна незгода, кога воз удрил во возило „тојота“ на железничкиот премин кај село Зелениково, Скопско. За среќа, во овој случај нема повредени.
Денеска, завршува четиридневното велигденско празнување и предвидлива е зголемена фреквенција на патишта, со оглед на очекуваното враќање во местото на живеење на многумина кои продолжениот викенд го искористија за патувања. Затоа, никогаш не се доволно, ни премногу потсетувањата дека треба да се вози внимателно и одговорно, особено во ситуации кога се очекува сообраќаен „шпиц“ и метеж.
Ј.П.