Судењето против Раде ТРајковски-Штекли продолжува со сведочење на вешти лица на Обвинителството за психолошката состојба на обвинетиот. На претходното рочиште сведочеше вештото лице на одбраната, психијатарот Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој го оцени обвинетиот Раде Трајковски – Штекли како психотичен, со шизофрени карактеристики. Според проценката, Трајковски покажува верување во реинкарнација и фиктивни личности кои му „наредуваат“ како да постапува, што според одбраната го прави неспособен да ја следи судската постапка.
Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги соочи вештите лица од двете страни пред да донесе одлука дали ќе се прифати едно од вештачењата или ќе се нареди ново.
Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков, исто така, поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.
Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.
Минатото рочиште во случајот со вработените во Клиниката за онкологија беше одложено поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска, за што нејзиниот адвокат достави медицинска документација и барање за одлагање. На обвинителна клупа тогаш седнаа првообвинетиот Васев и двајцата онколози Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.
Одбраната достави дополнителни докази со кои се спорат вештачењата на Обвинителството, а адвокатот на Васев побара исклучување на дел од доказите добиени од Словенија, тврдејќи дека вештакот Маја Радник нема официјален статус во таа земја. Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска оцени дека ваквите наводи се беспредметни, бидејќи обвинителниот акт веќе ја поминал фазата на оценка.
Судијката Снежана Марковска го прифати барањето за одлагање, со цел Судот да се запознае со новите барања на одбраната.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.






