На претходните рочишта Палевски одговараше на прашањата на бранителот Јовица Страшевски на кои првообвинетиот негираше каква било поврзаност со убиствата од ноември 2023 година на Вања Ѓорчевска (14) и Панче Жежовски (74). За Палевски целиот овој случај е заговор против него, неговата партија и неговите политички активности.
За ова двојното убиство обвинети се Љупчо Палевски Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, а за помагање и грабнување на неговата ќерка Вања обвинет е и Александар Ѓорчевски. Според обвинението мотивот за ова двојно убиство е користољубие.
Во обвинението пишува дека Палевски е организаторот на двојното убиство, дека тој тоа го направил за откуп и дека по сторените убиства побегнал, најпрво во Србија, а потоа во Турција.
Во своите претходни сведочења Палевски тврди дека не го познавал Панче Жежовски и дека не знаел дека детето Вања Ѓорчевска воопшто постои. За него доказите на обвинителството и полицијата се фалсификувани.
На дел од снимките на обвинителството се гледа како ден пред убиството Палевски е пред куќата на Велибор Манев во Велес, заедно со обвинетите. За овие снимки Палевски вели дека се монтирани и дека не го прикажуваат точното време и датуми кога се снимени.
Манев и Кешишев сведочеа дека Палчо пукал во девојчето Вања, а Видевски негираше дека учествувал во убиствата.
Панче Жежовски беше грабнат и убиен на 22 ноември 2023 година, а Вања Ѓорчевска на 27 ноември. Телата на двете жртви беа пронајдени рано наутро на 3 декември.