Според обвинението, таткото на Вања, на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо му оддал информации кога неговата ќерка оди на сама училиште, без сестра ѝ, за да биде грабната и за неа да се бара откуп. Ѓорчевски тврди дека е невин.
Откако беа пронајдени телата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски на конференција за медиумите директно го обвините Александар Ѓорчевски дека помагал во организацијата на грабнувањето на сопствената ќерка. Спасовски и Бубевски тогаш изјавија дека „мотивот е користољубие, при што едно од лицата во договор и со знаење, според првичните сознанија, на член на семејството, го организира и извршува и кривичното дело, со цел да се изнудат пари од мајката на детето, од што сите осомничени би имале материјална корист“.
Според обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев ја грабнале Вања откако нејзиниот татко Ѓорчевски му дал информации на Палевски кога таа оди сама на училиште.
Палевски за време на рочиштата изјави дека не го познава Александар. За бранителот на Александар, адвокатот Владимир Туфегџиќ, обвинението против неговиот клиент е неосновано, паушално и е резултат на лоша истрага. „Александар не ги познава обвинетите, нема поврзаност со нив и нема умисла за грабнување, а мотивот за материјална корист не е докажан“, изјави Туфегџиќ.
И обвинетите Манев, Видевски и Кешишев кажаа дека не го познаваат Александар и не слушнале дека Палевски разговара со него, а сите тројца сведочеа дека за време на истрагата биле под силна полициска тортура за да го посочат и таткото како вмешан во грабнувањето.
На денешното рочиште судијата Ивица Стефановски прво ќе го испрашува четвртообвинетиот Влатко Кешишев, кој сведочеше на претходните две рочишта.
Во овој случај, освен Палевски и Ѓорчевски, ообвинети се и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.