Грчките земјоделци, по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот, одржаа состаноци на блоковите, го разгледаа исходот од разговорите и донесоа одлуки постепено да се повлечат од патиштата и граничните премини.
До утре се очекува сите земјоделци да ги тргнат тракторите од улиците.
Земјоделците од делови на северна Грција на 1 декември ги паркираа своите трактори на грчката страна од граничниот премин Евзони и подолг период на неколку часа го блокираа сообраќајот на сите возила за влез и излез од земјата.
Денеска, според информациите на дописничката на МИА од Атина, земјоделците ќе се повлечат од Евзони, а во текот на следниот месец веројатно ќе се сретнат со министерот за земјоделство, Костас Цијарас.
Протестите на земјоделците од цела Грција почнаа на 30 ноември со постепено поставување блокади на клучни локации на автопатиштата во земјата, но и на граничните премини кон нашата земја, кон Бугарија и кон Турција.






