Како што беше истакнато, инженерството е една од темелните професии во развојот на земјата. Македонија ќе биде посилна, помодерна и поотпорна онолку колку што ќе знае да ги почитува, поддржува и задржи своите инженери.
„Мојата порака денес е јасна, инженерството во Македонија треба да остане силно во знаењето, но и отворено кон иднината. Да ја чува својата професионална строгост, но и да ги пречекува новите генерации. Македонија има млади луѓе со знаење, потенцијал и капацитет да бидат дел од европската и светската инженерска сцена. Државата мора да создаде средина во која тие ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Затоа денес сакам да се обратам особено до младите инженери. На Македонија ѝ требате. Не како симболична поддршка за иднината, туку како реална сила на сегашноста. Потребни ни се вашиот ум, вашата љубопитност, вашата дисциплина, вашата храброст да поставувате нови прашања и да барате понапредни решенија“, истакна министерката за енергетика Сања Божиновска во обраќањето.
Инженерството, посочи Божиновска, не гради само објекти и системи, туку гради доверба во иднината. Денес тоа има уште поголема важност зашто живееме во време кога енергетиката, индустријата, дигитализацијата, климатските предизвици, инфраструктурата и конкурентноста повеќе не може да се гледаат како одвоени сектори.
„Денес сакам искрено да ви оддадам признание за сè што сте направиле, но и да упатам повик за уште посилно заедничко дејствување. На Македонија ѝ е потребна инженерска мисла во институциите, во компаниите, во науката, во локалниот развој, во енергетиката, во дигитализацијата и во секоја реформа што сака да биде вистинска, а не само декларативна. Кога зборуваме за иднината на инженерството, не зборуваме само за традицијата што ја одбележуваме денес, туку и за новата фаза во која влегува професијата. Пред инженерите не е само предизвикот како традиционалното инженерство да го задржи својот темел, туку тоа истовремено да се развива во свет на вештачка интелигенција, автоматизација, податоци и нови дигитални алатки. Верувам дека иднината им припаѓа на луѓето што знаат како технологијата да ја стават во служба на јавниот интерес. Затоа инженерите и понатаму ќе бидат клучни, како проектанти и изведувачи, но и како толкувачи на новото време, како професионалци што знаат каде иновацијата навистина носи вредност“, нагласи министерката.
Според неа, Министерството за енергетика многу јасно гледа дека ниедна сериозна реформа не може да се спроведе без силна стручна основа.
„Енергетската транзиција не е само политичка одлука. Таа е инженерски процес што бара планирање, систем, прецизност, анализа, одговорност и знаење, бара луѓе што умеат да го претворат концептот во решение, а решението во функционален систем што ќе работи долгорочно и сигурно“, предожи Божиновска.
Таа упати и посебна почит кон жените во инженерството, чиј придонес, рече е реален, суштински и неопходен.
„Министерството повеќе пати досега јасно порача дека зелената транзиција не може да го достигне својот полн потенцијал ако не е инклузивна и ако жените не се активни носители на промените. Сакаме повеќе жени во енергетиката и мора системски да ги охрабруваме девојчињата и младите жени да избираат технички и научни професии, да создадеме менторство и фер можности за напредување“, потенцира Божиновска.
И претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов, укажа дека инженерството е многу повеќе од професија. Во нашата земја, рече, отсекогаш имало клучна улога – од инфраструктурата што ги поврзува градовите до енергетските системи што ги напојуваат домовите, од системите за наводнување до иновациите во технологијата и индустријата.






