Делегацијата, предводена од претседателот на Советот, Ненад Митевски, реализираше низа стратешки средби со високи бизнис-претставници и институции од ОАЕ, Кувајт, Бахреин и Оман. Во фокусот на разговорите беа конкретни проекти за унапредување на економската соработка, со посебен акцент на туризмот, зголемување на извозот на македонски земјоделски производи и привлекување инвестиции во високотехнолошките сектори како ИТ, роботиката и вештачката интелигенција.
Како еден од клучните заклучоци од посетата е иницијативата за пренесување на искуствата од Емиратите во развојот на иновациската инфраструктура. Советот ја разгледа можноста за формирање на современ технолошки парк во Македонија, наменет за поддршка на стартап заедницата и технолошките компании. За да се обезбеди оперативна поддршка на овие проекти, претседателот Митевски најави отворање на канцеларија на Деловниот совет во ОАЕ, што ќе овозможи директна и постојана комуникација со арапските партнери.
На средбите беше потенцирано дека Македонија се наоѓа меѓу приоритетните 10 земји во рамките на Националната безбедносна стратегија на ОАЕ за храна („Food Security“). Ова претставува огромна шанса за македонските земјоделци и прехранбената индустрија за пласман на производите на овој високоплатежен пазар.
„Ангажманот на нашата дипломатска мрежа и професионализмот на амбасадорот на РСМ во ОАЕ, Абдулкадар Мемеди, се насочени кон промоција на клучните политички и пред сè економски интереси на нашата држава. Целосното либерализирање на визниот режим, како и взаемното признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и Емиратите, се доказ на постојаниот интерес за развојот и интензивирањето на целокупната соработка меѓу двете земји“, истакна Митевски.

Тој потсети и на хуманитарната димензија на односите, истакнувајќи дека во најтешките моменти за време на пандемијата, токму преку ангажман на амбасадата беа обезбедени над 10 тони медицинска опрема од ОАЕ, што во тој момент претставуваше најголема хуманитарна пратка од ваков тип.
Деловниот совет информира дека комуникацијата со партнерите од Блискиот Исток продолжува со цел конкретизација и реализација на договорените иницијативи.






