„Панелот ги покри темите поврзани со поддршка на мајките, децата и семејствата, како и домувањето за младите, даночната политика, изградбата на нови градинки, намалувањето на иселувањето и депопулацијата. Се очекува утре, конгресот на ЕПП да донесе посебна резолуција за демографијата“, објави претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил.

Претходно, потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој е дел од партиската делегација, на Фејсбук напиша дека работат на афирмација на нашите национални позиции, поврзани примарно со европската интеграција.
„Потребата од забрзана интеграција на Западниот Балкан во ЕУ е императив како за регионот така и за ЕУ. Нашите македонски национални интереси ќе бидат заштитени, нашите позиции ќе бидат претставени и секако ќе бидеме рамноправен дел во собирот на најмоќното политичко семејство во Европа“, изјавил Муцунски, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.
Европската народна партија, нагласил тој, во моментот е најмоќнато и највлијателното политичко семејство во Европа.

Претседателот Мицкоски, како што е најавено, ќе има свое обраќање пред пленарната сесија, но предвидени и многу средби. Ќе има средби со новиот канцелар на Австрија – Стокер, со лидерот на албанската опозиција – Бериша, со лидерот на СНС – Вучевиќ, со претседателот на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент – Мекалис.
Инаку, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја предводи со партиската делегација составена од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски, како и преставници на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателката Жаклина Пешевска и претставници на Унијата на млади сили, кои денеска и утре ќе присуствуваат на Конгресот на Eвропската Народна Партија (ЕПП) во Валенсија.
Исто така, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе присуствува и на вечерата организирана за лидерите од Европската народна партија.






